Најбизарните методи на стареење на вино

Првично објавено на: https://sezavino.mk/најбизарните-методи-на-стареење-на-ви/

Во винската индустрија не е нова невообичаената работа, со фактот дека многу винари и винарии за секоја берба ги туркат границите напред со надеж дека ќе го направат најдоброто во светот. Додека во минатото се служеле со методи како што се сушење на почвата и пуштање класична музика на грозјето за побрзо и подобро зреење, денес е малку поинтензивно: електрична енергија, длабоки морски ровови и метеорити. Се прашувате за кој процес станува збор? Стареењето на виното!

Длабоко во морето

Сме слушнале за кутија со богатство закопано на дното на морето, но за вино?! Многу винари во светот веруваат дека складирањето вино во ровови во морето предизвикува процес на стареење што додава карактеристични вкусови и ароми на виното. Процес за кој се потребни многу години стареење за истото да се постигне на копно. Овој метод бил направен на Кабернет Совињон во 2009 година на длабочина од 60 метри во пристаништето во Чарлстон во Јужна Каролина на 3 месеци. Резултатите покажале дека виното значително се подобрило, во букетот и вкусот.

Едно шише се продавало за 1.000 долари!

Според истражувањето, поради контролираните температури од 10 – 12 °C, недостаток на светлина и кислород и комбинација на висок притисок и зголемено ниво на натриум карбонат, сите овие фактори ја зголемуваат комплексноста на аромата.

Додека научните истражувања покажуваат дека овој метод го збогатува виното, некои скептици веруваат дека ова може да биде само уште еден маркетиншки трик да се продаде малку вино за многу пари.

Електрична енергија

Не го пробувајте овој метод дома!
Замислете си електричен стол што ќе ги направи луѓето поубави… а сега заменете ги луѓето со виното. Во суштина овој метод бил направен така што била пуштена електрична енергија од 1000 волти преку вино кое било лошо за пиење. Резултатот бил таков што се подобрувале букетот и вкусот на виното. Со овој метод се постигнувале исти карактеристики како вино што старее 5 години.

Метеорити

Позади овој метод стои интересна приказна – за некој е тотална глупост – за некој е вкусување на универзумот:
Шкотски иселеник Иан Хатчеон кој решил да создаде своја винарија во Чиле имал две големи страсти во животот – виното и астрономијата. Тој добил од анонимна личност со приватен музеј 4,5 милијарди години старо парче метеорит. Како што раскажува приказната, овој редок феномен се урнал во пустината Атакама пред околу 6.000 години, само неколку километри од лозјето на Иан. Оттогаш па до ден денес, тој додавал метеорит на секое од неговите буриња со Каберне за 25 дена стареење (во текот на годината).

Тој верува дека ова, не само што додава живот на виното, туку преку виното се овозможува да се допри елемент од вселената и вкусат честички од раѓањето на Сончевиот систем. Можеби станува збор за тотална глупост, но со оглед на тоа дека цената не е астрономска – 11 долари за едно шише не е голем проблем да луѓето веруваат дека ќе го вкусат универзумот.