Најпогодниот момент на отточување на црвеното младо вино од комината

Првично објавено на: https://sezavino.mk/отточување-на-младо-вино/

Отточување на младо вино од комината

При определувањето на најпогодниот момент на отточување на црвеното вино од комината, треба да се внимава да се постигне оптимален интензитет на боите и букетните материи, а истовремено содржината на танинските и букетните материи да биде во такви размери што ќе обезбеди оптимален вкус и хармоничност на виното. Притоа треба да се има во предвид дека интензитетот на бојата не е во корелација со должината на држењето на комината. Бојата во текот на ферментацијата го зголемува својот интензитет и во одреден момент го достигнуваат својот максимум, а потоа ако виното и понатаму остане на комината, тие се намалуваат; а содржината на танинските материи значително расте поради тоа виното станува повеќе трпкаво и нехармонично.

Во секој случај, најпогоден момент се смета кога во виното ќе се екстрактира доволно боја и кога нема да се чувствува трпкавост од танинот, а најголем дел од шеќерот ќе биде разложен. За таа цел, за време на ферментацијата, а особено при крајот се следи интензитетот на бојата, содржината на танинот, а посебно содржината на шеќерот.

Кај нас просечно се држат од 5 до 6 дена, според Радовановиќ- Пауновиќ, најдобри резултати се постигнуваат ако отточувањето се извршува по 4 до 6 дена. Во Франција, познатите квалитетни бордовски вина се држат 8 до 10 дена.